Interview for the Click Magazine MK

By giizii, May 1, 2009 3:03 pm

If you are in Macedonia, buy the Click Magazine, there is interview with me in it. I will publish the text here once the next new mag is out in about 2 weeks.

Update 16 May 2009 – The interview in full is bellow:

Клучен збор: иновација

Патот го одвел до Tangozebra, која беше купена од Double Click, кој, пак, беше купен од Google, а тој цело време работи на еден ист проект

Ѓокица одамна не живее во Македонија. Секако, ние го сретнавме додека беше тука, на гости. Го замоливме да ни раскаже дел од својата приказна. Делот поврзан со неговата професионална кариера, личниот развој и искуство во светот на интернет-рекламирањето. Ексклузивно за Click тој зборуваше на неколку прашања. На крајот на интервјуто ќе пронајдете информации како вие да му поставите прашање на Ѓокица.

Се бара нов хелиум

За пазарот и за новиот почеток

Интернетскиот бизнис-балон пукна што пукна, 2002 беше, работа имаше сé помалку, сите мали фирми се затворија, така и малата агенција во која бев јас. Си заминав оттаму пред да гледам како болно се гаси, и отидов.. Реално, сите што беа строго ориентирани на сервиси, се мачеа со опстанок, но тие што беа ориентирани на производи и иновација, почнуваа да ја покажуваат насоката во која ќе се движи иднината.

По повеќе самостојни прокети, патот ме однесе во 2003 до Tangozebra, лондонски стартап за онлајн-рекламирање и маркетинг-солуции. Во тој период, нивните први, бета, производи веќе беа во продукција и сервисираа мал дел на пазарот на кој доминираше DoubleClick (денес Google) и Atlas (денес Microsoft).

Во текот на следните неколку години, базирано на многу иновација, истражување и развој, покрај другите стандардни алатки за менаџирање на онлајн-кампањи, на пазарот го извадивме ТАБС (Tangozebra Ads Building System) и работите почнаа да се развиваат многу брзо во наша полза.

Корисникот пред сé

За новиот производ и за големите и малите риби

ТАБС системот им овозможи на агенциите да произведуваат иновативни и т.н. рич медија онлајн-реклами во речиси рекордно време. Системот нуди Flash екстензија и веб-апликација за тестирање и публикување на креативите. Сé уште е во употреба и трпеливо чека да биде заменет од новата генерација апликации во развој.

Апликацијата ја развивме буквално околу секој детаљ во процесот на производство на онлајн-рекламиврз основа на барањата и со директно учество на нашите топ клиенти. Тоа повеќекратно ни се врати. Создадовме солуција не како што ние мислевме дека треба да биде, туку каква што издавачите и рекламерите бараа од нас да направиме.

Арно ама, во оваа индустрија важи една максима – “Кога не можеш да ги победиш, купи ги.” Double Click ја купи Tangozebra и се случи интеграција на најдоброто од двете компании. Во меѓувреме Google го купи Double Click, и приказната продолжува. Новиот производ се вика Ad Studio, и кон крајот на април оди во јавна бета, па тогаш и во детали ќе можам да разговарам за него.

Информација во контекст

За трендовите во онлајн рекламирањето

Денес се евидентни два главни тренда, што со анализа и истражување се покажаа како најуспешни во исплатливоста на инвестициите во онлајн-рекламирањето. За илустрација, дали навистина нешто ви значи ако посетувате кој било глобален блог или друштвен генератор на содржини, да речеме Digg (digg.com), и од десно ви е презентирана реклама за евтини викенд-авиолетови на компанијата ЕasyJet по Европа. Ако го посетувате сајтот од Македонија, тоа не ви значи ама апсолутно ништо. EasyJet не лета од Скопје. Ќе ја игнорирате рекламата затоа што вам лично не ви нуди ништо. Но, доколку ви е презентирана реклама за евтини викенд-летови до Истанбул со Turkish Airlines, тогаш вашите сензори ќе проработат – прво, знаете дека има летови Скопје – Истанбул, и второ рекламата е на кирилица. Што е сервирање информација во контекст со маркет-рекламирање.

Друг тип рекламирање е кога ви се нудат реклами поврзани со содржините што ги читате. Најчесто овие реклами се ненаметливи и презентирани само со текст. Но, сепак, за успешно рекламирање со овој тренд, јазикот во кој вашите содржини се напишани треба да е поддржан од сервисот што планирате да го користите, и пред сé да има рекламери што објавиле реклами на вашиот јазик. За жал, македонскиот јазик сé уште нема поддршка кај глобалните рекламни сервиси.  Издавачите користат комбинација на овие два тренда и со тоа ја зголемуваат профитабилноста на онлајн бизнис активности.

Размислувај, иновирај, учи

За големото Google семејство

Предноста да се биде поддржан од Google за она што го работите во однос на другите компании за кои сум работел претходно е во неограничените ресурси и поддршка што ја добивате за да го остварите тоа што сте го замислиле. Се разбира, во рамките на она за што сте вработени и платени да го работите, и доколку вашиот проект е одобрен и ги помине сите комитети за бизнис и иновација.

Тоа што особено ми одговара мене лично е што целата работна атмосфера ја нема изгубено искрата и духот на студентски камп. Сé е во постојано движење и константно учење. Тоа мене ми отвори врата да станам ментор во содржините во кои сум специјалист, веб-стандардите. Денес, покрај секојдневните работни обврски, одржувам и курсеви за младите гуглери.

Не би знаел да кажам дали има некој негативен аспект во филозофијата на компанијата за која во моментов работам, но и самите заклучете дали продуктите на Google што ги користите во секојдневниот онлајн-живот, како корисник или професионалец, му прават лошо или добро на човештвото. Не е едноставно да си број еден во светот, сите очи да се перманентно вперени во тебе и секој потег да ви се следи во детаљ и со внимание. Google има голема јавна одговорност со своите производи и постапки.

Китка шарена

За македонскиот интернет-пазар

Мое мислење е дека пејзажот на македонските интернет-содржини е многу шарен, многу вришти и е комплетно неефективен и хаотичен. Не зборувам за тоа колку Македонците користат друштвени мрежи и разменуваат сликички, зборувам за етаблираните сајтови на најголемите македонски издавачи, поточно новинско-издавачката индустрија и некои од поновите онлајн-медиуми. Не зборувам за содржините што ги нудат, зборувам за интуитивни кориснички интерфејси, квалитет на презентација и код, достапност и употребливост. И на крај, или на прво место, бизнис-ефективноста. Се разбра дека има и примери и професионалици што одлично си ја знаат работата.

Во декември 2008 со помош од Центарот за нови медиуми, блогот Комуникации.нет и Слободен софтвер Македонија организиравме мала конференција во културниот центар „Точка“, на која темелно ги разгледувавме овие теми и јас оставив поопширен коментар каде точно мислам дека се слабите точки и што треба да се направи за да се мрдне од нулта позиција, па ако имате време посетете го линкот за да не се повторувам тука http://tinyurl.com/dgkloj.

Во кратки црти: агенциите, медија-планерите и издавачите треба да седнат на повеќе тркалезни маси и да ги договорат стандардите и алатките што ќе ги користат за успешно онлајн-рекламирање. Може и да поканат презентери од повеќе глобални сервиси да им презентираат како да ги спојат бизнисите во заедничка цел – заработка. Во овој стартен период за Македонија да фати чекор и да почне да профитира од онлајн-рекламирањето, потегот треба да се направи на ниво на индустрија, еснафски, не поединечно.

Дарко Булдиоски

Да не прашуваме само ние, прашувајте малку и вие. Испратете ги своите прашања на redakcija@clickmag.mk и очекувајте ги одговорите на блогот http://komunikacii.net и во следниот број на Click.

Leave a Reply

Panorama Theme by Themocracy